Во рамки на COST Акцијата P-WILL, на Факултетот за информатика при Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје беше реализирана активност за размена на академски кадар со учество на д-р Владимир Радивојевиќ, асистент професор и виш научен соработник на Економскиот факултет при Универзитетот во Приштина (со седиште во Косовска Митровица, Србија).
Размената се реализираше како дел од краткорочна научна мисија (Short-Term Scientific Mission – STSM), со цел унапредување на научно-истражувачката соработка, размена на академски искуства и продлабочување на меѓуинституционалните врски.
Во рамки на посетата беа одржани работни средби и академска дискусија под менторство на проф д-р Ана Секуловска Јовковска на теми поврзани со платформската економија, економскиот раст и развој, националната конкурентност, пазарната концентрација и политиките за заштита на конкуренцијата. Посебен акцент беше ставен на социјалните и економските импликации од развојот на дигиталните платформи.
Активноста претставува значаен придонес кон интернационализацијата на наставно-научната дејност на Факултетот за информатика при Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, како и кон зајакнување на регионалната и европската академска соработка во рамки на COST програмата.
